Кротењето на опаката
Автор: Вилијам Шекспир
Година на издавање: 1590
Кротењето на опаката е комедија која се состои од три дела, различни по содржина кои меѓусебно се испреплетуваат: првиот дел е недовршената и заборавена приказна за пијаницата Слај којшто, измамен, смета дека се разбудил како велможа па гледа претстава за кротењето на една опака жена. Интересно е како би се развивала оваа приказна понатаму, особено што, користејќи се со постари драматуршки средства, авторот имал можност, од пристојна дистанца, постојано да го коментира развојот на настаните во сопственото дело. Втората, клучна приказна, е врзана со кротењето на опаката Катерина од страна на кротителот Петручио, една не многу изворна тема, но мошне корисна по однос на размислувањата за бракот и љубовта. Третата приказна, всушност, подзаплетот во текстот, е врзана со Бјанка, сестрата на Катерина и нејзините додворувачи. Ефектот од мешањето на овие три приказни во една е повеќе од очигледен: дивата, груба, неизделкана фарса претворена е во бујна комедија во чија срж лежат различните размислувања за љубовта и бракот прикажани преку живи, пластични, полнокрвни ликови.