Патешествие
Автор: Илко Димитриески
Година на издавање: 2015
Со радост што не чекав долго, го читам и препрочитувам вториот ракопис на Илко Димитриески, се насладувам од понудените стихови ко дете што бркнало во тегла лековит ливадски мед. Задлабочена во нив, си наликувам и на истраен и ентузијастичен пронаоѓач археолог кој има ретка можност од под пластовите на вековите да ископа блескава ризница од мудрости. Восхитот расте како што од поема во поема, поетот си ја распостила, разголува душата пред читателот за да му ги дари своите најчовечки доблести, кои заради скромноста, се кријат меѓу редовите на ова азно од зборови. По углед на славниот Хомер или Прличев, Димитриески испишува поеми за ближните сакани, претците и потомците, свои, но и сечии. Тој е модерен јунак на 20 и 21 век, кој добро го познава своето родословно дрво. Длабоко е свесен за цврстината на исконските корени, како и за кревкоста на младите ластари и затоа со особен пиетет и нескриен занес, љубов и благодарност ги опева славните (пра, пра, пра...) дедовци, таткото, мајката, браќата и сестрите по крв или собитија со заслуга, љубената друшка, ќерката, внуките и друга знајна и незнајна рода. Тие се нераскинлив дел од него, и заедно со просторот каде е роден, каде живее и патува, реално или во мислите, било планини, реки, езера, градови или маала низ саканата татковина, сите тие стануваат непобитни координати на неговиот многуслоен идентитет. Оттука, не треба да изненадува фактот што тој секоја поема ја потпишува со соодветен варијабилен псевдоним.