Темно место
Автор: Славе Ѓорѓо Димоски
Година на издавање: 1999
Сите оние кои пишуваат поезија знаат за каков врвен предизвик станува збор кога се усвојува моделот на песна наречен метафоричка есенција. Сите знаат дека за тоа се способни само раскошни поетски таленти, од рангот на Димоски. Сите знаат дека не е можно по вештачки пат да се затемнува природната проѕирност (транспарентност) на дискурсот, која инаку најмногу се гледа во прозното. Според тоа, станува збор за стопроцентна поезија, ако се усвои традиционалното модернистичко гледиште дека метафората е “кралица на поезијата”, односно – нешто што нејзе ѝ дава идентитет и ја дефинира. Што се однесува до другите традиционални својства на баладата, може да се препознае уште и еден сосема особен вид на паратактичност. Како што е познато, паратактичноста на говорот се сведува на просто напоредно нанижување (јукстапозиција) или од асиндетски или од синдетски тип. Токму врз таа “независност” на исказите еден по однос на друг се темелеше народната, усна балада, која поради таа “отвореност” оставаше простор за креација и интервенција на пејачот (изведувачот) во инаку кодираниот текст. Токму таа “отвореност” за нови интервенции, тие “пукнатини” во текстот на “студените” балади ги насетил Славе Ѓорѓо Димоски кога се решил да тргне во реанимацијата на овој жанр. Тој, веројатно, по интуиција затоа и се упатил кон тие “празни” места на паратактичкиот дискурс, за да ги пополни со -својот јазик, со свои метафори. Затоа и неговите песни се исклучиво паратактични не само како однос на елементите од кои се сочинети, туку и една по однос на друга. Се доживуваат како мали откршоци од битието на јазикот, дијаманти од лирска работилница на овој вреден лиски филигран. Венко Андоновски