Последните ракописи
Автор: Славе Ѓорѓо Димоски
Година на издавање: 1988
Поетските кажувања на овој наш автентичен разгласувач на врзаниот збор како да не се оспособени да бидат мерливи според постојните шеми, шаблони, калапи, рамки, обрасци! Тој им се опира, им бега на законите на стандардната поетичка мерливост, веројатно не толку поради спецификата на своето пеење и мислење, колку поради една асиметричност - сантим помалку од лево, сантим повеќе од десно и тој останува вон регулите и конвенциите на одредена естетска и поетолошка норма. Вториот впечаток е препознавањето на еден, исто така концепциски самостоен приод во градбата на песната: нејзе Славе Ѓорѓо Димоски ја гради со печените (под вршникот на душата) тули на зборот, како приземна куќарка еднокатница. Таа им се подистава на проектите за монументалност, дише низ една поскромна архитектоника, ја штити суштината на лириката, растоварена е од баластите на ненужноста, ја афирмира минијатурата. Гане Тодоровски