Студен порив
Автор: Славе Ѓорѓо Димоски
Година на издавање: 1985
Славе Ѓорѓо Димоски и во новата поетска книга Студен порив продолжува да го реализира и доосмислува започнатиот поетски концепт од претходните збирки којшто се потпира врз јазичниот експеримент во песната, врз своевидна изразна предестилација на говорот и врз лирското контрапунктирање на поетскиот предмет со кое се овозможува предочување на дилемите за човечкиот фатум, дијалог за хаосот во себе и во светот, но и за оние состојби на хармонична усогласеност со поетовиот внатрешен немир. Трагањето по збор-прозбор како инспиративен поттик и градбен елемент на замислената “бескрајна песна” истовремено има за цел да ни ја доближи лирската симбиоза меѓу индивидуалната сензитивна пулсација и објективниот природен однос на појавите и елементите, што постојано и секогаш одново ќе ни се нуди и открива како привлечна загатка...“ Тодор Чаловски