Вардан
Автор: Константин Петровски
Година на издавање: 2011
Приказната за Вардан, Феликс, Бригит, Арт. Елена, Јован и Вилијам е сосем нормално измислена. Најтешко ми беше да го дотерам Феликс. Имено, не можев да ја најдам соодветната облека на Венецијанците пред ренесансата. Има еден куп литература и сајтови на Интернет кои што ја презентираат раскошната облека на Венеција во периодот на ренесансата, но недоволно за периодот пред неа. Или јас не успеав да стигнам до соодветни извори, сеедно. Затоа Феликс, во однос на облеката го поместив за неколку века нанапред и го стокмив во раскошна ренесансна облека. Три века напред е поместен и пазарот на кој што таткото на Вардан продава риба. За време на владењето на Манојло Први Комнен (1118 – 1180), таков пазар не постоел пред цариградска Света Софија или ако постоел никој досега не успеал да го открие. Бронзениот тигар на влезот на палатата Дафне е целосно моја измислица, како и самиот опис на палатата. Никој не знае како изгледала Дафне, па затоа држејќи се до вкусот на тоа време поставив еден тигар на нејзиниот влез. Леопардот Белисариус е само делумно мое дело. Вистина е дека Манојло Први Комнен имал два припитомени леопарди. На еден од нив му го дадов името на славниот византиски војсководец и го спријателив со двајцата наши главни јунаци. Некои личности се појавуваат надвор од своето време и од местото на живеење. Тоа е широко афирмираната уметничка слобода и не гледам причина зошто поинформираниот читател би ми бил лут. Атанасиј и Ирина Комнина се исто така измислени ликови. Но цврсто верувам дека секој кој што ќе ја слушне приказната на Марко Цепенков за Силјан Штркот, ќе биде воодушевен од неа. Авторот