Небесни стражи
Автор: Јовица Тасевски - Етернијан
Година на издавање: 2004
Четириесетина интересни лирски записи групирани во неколку целини. Песните на Етернијан пред читателот истовремено разоткриваат еден специфичен и богат поетски сензибилитет, но и сокриваат/затвараат во себе значења кои поетот ги остава на ниво на насетување и асоцијација користејќи стегнат и сублимен израз. Во оваа смисла, парадигматична е неговата песна “Пејзаж“ каде авторот експлицитно ја открива својата постапка: ја наведува песната во целина, но со загради ги издвојува “необврзните“ стихови. Без нив се создава понепосредна интеракција меѓу поимите со што се отвора простор за различни асоцијации. “Небесни стражи“ врви од крупни поими, референци од Библијата, имиња на херои и антихерои од античката митологија, но секоја песна посебно, како згуснато значење, и збирката во целост, како заокружена смисловна целина, зрачи суптилност.