Времето е жив ѓавол
Автор: Катица Ќулавкова
Година на издавање: 2014
Оваа книга е збирка куси раскази или прозни фикции кои имаат конфесионална димензија, но во основа се игри на фантазијата (мечтата) и имагинацијата. Имагинарниот свет смета на симболичниот говор полн со алузии, асоцијации, метафори, персонификации, параболи и иронии, додека пак конфесионалноста му дава на имагинарниот свет уверливост, емотивност, актуалност и персоналност. Таквата спрега на двете жанровски и стилски карактеристики ја прави оваа проза интересна, читлива и провокативна, но не и одзема од повеќезначноста, од нијансите на приказната и на прикажаното во неа. Оваа книга ја следи раскажувачката линија што Ќулавкова ја започнува уште 1989 година со својата прва книга куси поетизирани фикции, Друго време – онеобичнување на знаците, а ја развива во својата книга Сонот е живот: 1001 фикција, од 2014 година. Во оваа книга фокусот на нарацијата е ставен врз емотивните проекции на семејството во светот на сонот и на фантазијата, свет кој допушта слобода на изразување непоматена од табуата на реалноста и на општествените и колективни забрани и ограничувања. Архетиповите (праобразецот) на Мајката и на Таткото, на Детето, Синот, на Мажот и Жената се актуализирани во интересни лични и симболични констелации, што ги прави овие фикции ретко, ако не и единствено четиво во современата македонска куса проза. Оваа проза врши не само естетска функција, туку и катарсична, значи една важна психолошка функција што книжевноста понекогаш ја заборава.