Ања
Автор: Оливера Ширговска
Година на издавање: 2013
Сѐ започнува кога Ања заедно со своите три другарки Сања, Весна и Анита заминува на летување во Херцег Нови - Црна Гора. Тука таа го здогледува Алексеј Григоров од Москва, за кој уште при првиот поглед знае и чувствува дека тоа е љубовта на незјиниот живот. Но, и младиот ватерполист не е рамнодушен кон Ања и се случува љубов на прв поглед. Ања и Алекс доживуваат бурна и силна љубовна авантура, нивната љубов толку многу се разгорува што целосно се предаваат еден на друг со цела душа и тело. Тие чувствуваат и веќе знаат дека не можат еден без друг. Но, после само неколку дена Ања и Алекс мораат да се разделат, а нивната љубов да ја стават под искушението на далечината, односно Алекс мора да се врати во Москва, а подоцна и Ања се враќа дома. Двајцата млади својата љубов ја одржуваат комуницирајќи преку современите средства за комуницирање фејсбук и скајп, а притоа си ветуваат дека си припаѓаат еден на друг целосно. После цели две години Алекс доаѓа во Македонија со цел Ања да ја побара за своја жена. Но секако прво ќе мора да се запознае со нејзините родители, а потоа да оди чекор по чекор. Ања цело време ја крие својата љубовна авантура од нејзините родители, а кога Алекс пристигнува таа целата возбудена им ја соопштува добрата вест на родителите. Но кога мајка ѝ Гордана го здогледува младото момче од Русија кај неа се отвараат рани од едно болно минато за кое таа мислела дека го закопала. И тука настанува вистинска драма. Наместо Алекс да биде добро пречекан како што и очекуваше, тој е грубо и хистерично исфрлен од дома од мајката на Ања, која откако го здогледува Алекс и препознава во него лик од своето болно минато, се онесвестува и ја фаќа хистеричен напад. Што е тоа што ја тера мајката Гордана толку жестоко да се противи на врската помеѓу Ања и Алекс, а пред сѐ какви тајни крие таа поврзани со нејзиното минато прочитајте во романот „Ања“ од Оливера Ширговска.