Синот на свештеникот
Автор: Ристо Јачев
Година на издавање: 2012
Најновото прозно остварување на поетот Ристо Ѓ. Јачев насловено како „Синот на свештеникот“ претставува вечен сон на еден изневерен или поточно кажано излажан човек кој постојано го сонува тоа што му се случувало и му се случува со единствената верба дека човечкото присуство на земјава остава трага. „Синот на свештеникот“ од и за новата македонска историја од времето на Граѓанската војна во Егејскиот дел на Македонија, по војната во Народна Федеративна Југославија кога протераните Македонци од својата грутка во новата татковина како скитници и питачи, како низ мрачен тунел, го минуваат животот во таги и страдања заклучно до војната 2001 година и неколку месеци по неа, во самостојна Република Македонија, по која, главниот јунак по враќањето дома, на родното огниште, исчезнува. Ова е врел поетски роман за човек кој не знае ни каде е, ни зошто токму нему му се случуваат бројни неправди за кои со ништо нема придонесено. Главниот јунак е трагичен предмет кој се нашол на место на кое можел да се најде кој и да е, со еден збор секој што тука минал. Значи станува збор за било кој човек што во определено време ја минува крвавата граница, за човек кој за да преживее проси леб, за човек кој без да знае се нашол во затвор, за осаменост и нежност, за катадневната болка која се пресоздава во размножена бесконечност која копа во дамарите и која како вечна сенка не следи до крајот на животот. Во овој роман човекот во времето и просторот што го минува започнува да пропаѓа и психички и физички. На крајот останува како урнатина која задржува само малечка искра надеж дека утрото што ќе дојде, ќе биде поубаво од денот што го минува и од сознанието дека таму, долу, дома од каде што бил протеран, откако ќе се врати и ќе го врати татковиот крст на местото од каде што е откорнат, спокојно ќе може да започне нов живот, иако е во поодминати години.