Неоткриен свет
Автор: Срѓан Керим
Година на издавање: 2011
Кога ја зедов во рацете дебитантската поетска книга на Срѓан Керим, иако во моето долгогоришно искуство, во областа на литературата и ликовната уметност, сум имал многу слични примери, сепак, не можев да бидам целосно имун на таа суетна маќеа на творештвото. Претпазливоста генетски живее во нас, а особено кога треба да донесеме естетски суд. Тоа е добро, но не треба да биде и ригорозно правило, особено не кочница. Како потврда на ова, тука ќе наведам само еден од многуте примери. Имено, кога ја составував мојата Антологија на француската поезија (1997 г.), консултирав десетина антологии од најзначајни француски писатели и антологичари (Сент-Бев, Арлан, Моние, Андре Жид, Сегерс, Жан Бретон итн.), а Антологијата на Жорж Помпиду (објавена во 1964 г. Кога беше премиер на Франција), ја зедов последна, со предрасуда дека во неа нема да најдам ништо за мојата работа, а исклучиво поради споменатата причина, односно затоа што антологичарот го знаев како значаен политичар, додека оваа негова антологија е сигурно само некакво негово хоби. И се случи изненадување! Според мене таа е една од најубавите француски антологии. Во тој труд, големиот државник ја открил својата интимна диспонираност, љубовта, вкусот и оценувањето на поезијата од завиден зафат. Ете, такво пријатно изненадување за мене беше прочитот на песните на Срѓан Керим. Паскал Гилевски