Големата измама
Автор: Петре Наковски
Година на издавање: 2007
Петре Наковски со романот “Големата удолница” ја започна романсиерската сага за трагедијата на Македонците од Егејот во текот на Граѓанската војна во Грција. Романот што го имате в раце е книжевно продолжение на истражувањата во истото историско и житејско беспатие, во истото национално и идеолошко мачилиште, во истото психолошко огниште на изгубените и изневерените илузии на индивидуата. Романот “Големата измама” ја продлабочува тешката рана на поразот и ја возвишува писателската храброст за откривањето на вистината. Страниците на ова белетристичко сведоштво го цементираат сознанието дека комунистичките челници на ДАГ и на тогашните највлијателни компартии целосно го изманипулирале и безочно го искасапиле македонското верување во елементарната човечка и Божја волја на суштествувањето според принципот на самоопределување. Наковски ги жигосува историските протагонисти на злосторот и им заблазнува на безимените воини кои остануваат во длабоките јами на егејската земја. Крајот на ова дело најавува ново продолжение кое можеби ќе ја заокружи најуверливата трилогија за оваа непреболена тема во македонската историја.