Алхемиска ружа
Автор: Богомил Ѓузел
Година на издавање: 1963
Му припаѓам на светот, како и на грутката земја што ме родила и израснала. Колку и да беше тешка чашата медовина (таа ќе може еднаш да се испие и до капка), колку и да е замрсено клопчето што ми го испреле наречниците (ним утре може и да им се откаже верната служба), - секогаш ќе постои мечот што ќе го расече јазелот, секогаш ќе има некое друго небо што треба да се исплакне одново со смеа и солзи и секогаш ќе биде тој ветер што ќе нè израдува ако нè раздува во прав. Свету, тебе ти ја заветува својата љубов и овие редови поетот.