Пустина
Автор: Ѓорѓи Абаџиев
Година на издавање: 1961
Иако Пустина е роман со историска тема, тој е всушност психолошки роман. Земајќи ја за основа на анализа историската тема на солунските атентатори, чии протагонисти се заколнуваат сите до еден да умрат во името на Македонија, Абаџиев свесно се откажува од акциониот дел на солунските атентатори. Пустина почнува од часот кога сета акција на уривање е завршена, кога солунските атентатори гинат остварувајќи ја, со чинот на својата егзистенцијална саможртва, заклетвата пред себе и пред Македонија, а единствено според некоја ирационална игра на случајот, остануваа живи двајца од атентаторите. Пустина е всушност драма на овие двајца што ја имале несреќата да не загинат, кои останале живи, а морале да умрат. Пустина е драма на Арсо и Глигор, драма на луѓе кои избирајќи ја свесно смртта како во тој даден историски час најсоодветен и највозвишен начин да ѝ се спротивстават на тиранијата и гневот, стојат сега пред една непредвидлива егзистенцијална ситуација која секој од нив од свој сопствен аспект, настојува да ја реши токму низ прашањето: Зошто сме живи?