Јас - момчето молња
Автор: Јагода Михајловска Георгиева
Година на издавање: 1989
Син ми имаше десет години, а ќерка ми пет, кога заедно го напишавме романот „Јас - момчето Молња“. Велам – заедно, затоа што јас, пишувајќи, главно „препишував“ од нивниот секојдневен живот. Ги набљудував, и однадвор, и однатре, и запишував. Случки, размисли, чувства, детски фантазии, желби, соништа, односи во семејството, меѓу другарчињата, во училиште...Тој нивни чудесен свет беше вистинска ризница за мене како писател. Многу малку авторски интервенирав, ионака материјал имав отповеќе. Вистинските ликови лесно се преобразуваа во книжевни. Дури и имињата на сите се нивните, автентични, освен на четворицата од моето најтесно семејство: главниот јунак Ведан (син ми), изведено од Веда што значи молња, Бреза (ќерка ми), Миро (маж ми) и Малина (јас). „Јас - момчето Молња“ е слика на едно детство „верна на оригиналот“. Меѓу другото и затоа на тогашните генерации толку многу им се допаѓаше. Зашто лесно се препознаваа во него, идентификувајќи се со ликовите и нивниот живот. Денес тие генерации имаат меѓу триесет и триесетипет години. Многумина од нив и свои деца. А, меѓу новородените, имињата Ведан (така се вика и внук ми) и Веда се се` позачестени, би ја премолчила вистината ако не кажам, токму поради влијанието што овој роман го изврши врз нивните родители кога и самите биле деца. На мислење сум дека новите „молњички“, во романов ќе ги здогледаат не само сопствените татковци и мајки, туку и себеси. Зашто сите детства низ сите времиња имаат свој суштински заеднички именител, без оглед на промените што секое доба неминовно ги носи.