Омајнина
Автор: Афродита Николова
Година на издавање: 2010
„Омајнина“ е поетска збирка во претежно романтичарски дух каде понекогаш се навестува модерна интерпретација на творештвото од постарата генерација македонски поети. Составена од серија песни, конципирани во четири делови, од кои секој го надополнува претходниот. Првата серија песни се одглас и антитеза на стиховите од Радован Павловски, Ацо Шопов и Петре М. Андреевски, посветени на фиктивен лик Маја низ лирски субјект во машки род. Втората серија е период на затишје после загубата на ликот Маја исткаен низ сликата од булките. Третата е обид за игра со надреалното, каде портокалите на Лорка се доминантна слика. Четвртата, е приземјување во суровиот свет инспирирано од идеите на романот „Патување во Индија“ од Форстер.