Игбал, мојата тајна
Автор: Јагода Михајловска Георгиева
Година на издавање: 2000
Главниот лик Бреза раскажува за себе во периодот од десеттата до четиринаесеттата година од својот живот, опфаќајќи ги сите значајни, големи и мали нешта што им се случуваат на девојчињата, но и на момчињата од таа возраст. Нејзините радости, таги, дилеми, неодговорени прашања, никулците на првите љубови, љубомори, страдања, соочувањето со смртта на блискиот, со разделбите, односите во семејството, релациите со врсниците, патувањата, мечтите... сето тоа, најискрено го споделува со Игбал, момчето од Гоа во Индија. Меѓу нив се развива длабоко љубовно пријателство. Тој е најголемата тајна на Бреза и иако постои само во нејзината фантазија, за неа е повистински од било кој од реалниот живот. Тоа е истата онаа Бреза од мојот претходен роман „Јас, момчето Молња“, во кој брат ѝ Ведан беше носечкиот лик, за овде таа да ја преземе главната улога. И „Игбал, мојата тајна“ е автентична приказна со автентични јунаци од реалниот живот. Ниедно име не е сменето, освен на четворицата од најтесното семејство на Бреза. Дури и Игбал, сосе неговото индиско окружување е „извлечен“ од вистинскиот живот (м.з. романот го напишав по мојот престој во Гоа и Бомбај во Индија) и „сместен“ во умот и срцето на Бреза, кадешто оживеан од нејзината бујна фантазија ѝ станува постојан придружник. Во тоа време ќерка ми, исто како и јас, секоја на свој начин беше длабоко допрена од „индиските приказни“, под влијание на моето патување таму. Ние двете, впрочем како и секоја мајка и ќерка во секојдневието, постојано се испреплетуваме и надополнуваме во романов. Затоа тој им е наменет подеднакво на децата што имаат разбирање за возрасните и на возрасните што ги разбираат децата и умеат да ги (про)читаат книгите за деца.