Сонети
Автор: Михаил Ренџов
Година на издавање: 1987
Песните во книгата се поделени во неколку поглавја: Канарката, Сенката и Бигор. „Конечен“ е песната што е поместена на крајот во која поетот пее за соочувањето со самиот себе. Во книгата се поместени стотина песни пишувани во стандардната поетска форма на сонетот. „Кристалот посматран од различни агли кога се менува изворот на светлината, го остава посматрачот одушевен од раскошот на боите што му ги открива. Таков е или сосема сличен и поетскиот кристал на Михаил Ренџов, кој пловејќи низ мените на времето и на човекот секогаш одново го збогатува својот спектар од согледби, сознајби и емоции кои потоа избрусени во неговата лирска јувелирница ни ги еманира со мисловни, визуелни и звучни вибрации“, запиша Коле Малинов во еден свој есеј за сонетите на Ренџов.