Друга мајка
Автор: Драгица Најческа
Година на издавање: 1979
Романот „Друга мајка“ од Драгица Најческа, објавен во 1979 година, обработува еден граничен настан од летописот на Скопје и судбината на неговите жители. Земјотресот од 26 јули 1963 година, кога ни се чинеше дека градот е паднат ничкум, дека е дефинитивно смртно погоден, дека се преселува во минатото и во нашите спомени, заедно со илјадниците жртви и унесреќени граѓани. Но, човекот не би можел да го носи и да го оправда тоа име, ако не е способен одново да почнува, да отстојува простум, без алтернатива. Вертикалното во оваа урбана проза треба да се бара во еволуцијата на емотивниот и мисловниот свет на Христина, којашто по сите внатрешни отпори и дилеми, ја осознава неминовноста од елементарниот чин што ќе се одигра во животот на нејзиниот татко и на семејството во целина. Во моментот кога Христина се крева до рамништето на аналитичар на животот и односите во семејството и општеството, нејзе воопшто не ѝ пречи втората жена (другата мајка), учителката Вера, којашто со многу такт, а и една специфична љубов кон Христина и Ели, внесува ред и топлина во семејството, го ангажира и го свртува со мислите и лицето кон иднината. Таа, втората мајка, не само што не го навредува чувството и споменот кон мртвата и вистинската мајка, туку напротив, го осмислува и возвишува. Драгица Најческа мошне суптилно ги открива длабоките емоционални и душевни треперења на своите јунаци – особено на Христина, зашто таа е и активниот и единствениот раскажувач на оваа тивка, без патос и пренагласено, „согорување“ на чувствата – човечка, современа и вечна драма на човекот, на луѓето, на семејствата. Токму оваа компонента на тивкост и трагичност е и најголемиот квалитет во успешниот роман на Драгица Најческа. Тоа што темата го нуди априори – патосот и усвитеноста на чувствата и исказот – Најческа свесно го редуцира на мера којашто ја потврдува нејзината раскажувачка зрелост и моќта на селективноста во изборот на најадекватната постапка. Требало да се има голема човечка и писателска храброст, интимната дилема на Христина да го најде своето најприродно разрешување. Како животна филозофија и филозофска порака кон живите и современиците, особено кон младите генерации на кои им е наменет и посветен, романот „Друга мајка“ треба да се вброи во најуспешното напишано на оваа тема и за таа возраст во фондот на современата македонска литература.