Зошто не можам да престанам
Автор: Џон. Е. Грант
Година на издавање: 2024
Во одреден момент од нашите животи, сите се впуштаме во однесувања што се ризични, ирационални или немудри. Можеби ни е возбудливо кога повремено ќе се коцкаме на лотарија или импулсивно ќе купиме некаков скап предмет. Но, како што алкохолот и наркотиците имаат потенцијал да нè направат зависни, така и одредени вакви однесувања го имаат истиот потенцијал. Личноста која е зависна од коцкање, шопинг, интернет, храна или чепкање по кожата може потајно да трпи срам од сопственото однесување, но и да троши време и енергија нарушувајќи си го животот. Некои луѓе со бихевиорална зависност, односно зависност на однесувањето, ги губат семејството, работата, заштедите и домот. Со физичка основа во мозокот, зависностите од однесувањето се сериозни болести – но обично не е доволно само да сакате да престанете. „Зошто не можам да престанам?“ е за сите оние со бихевиорална зависност, како и за нивните семејства и пријатели кои им даваат поддршка. Испитувајќи седум од најчестите и најсериозните зависности – коцкање, секс, крадење, користење интернет, шопинг и купување, скубење на косата и чепкање на кожата, и храна – авторите ги спојуваат најсовремените истражувања за да ја опишат зависноста на однесувањето, нејзините причини и начинот на дијагностицирање и лекување. Овој сочувствителен прирачник што содржи приказни на пациенти со бихевиорална зависност и нивно закрепнување ќе им помогне на читателите подобро да ги разберат комплицираните прашања околу овој вид зависности и ќе им даде насока на членовите на семејството како да му помогнат на зависното лице додека си помагаат и себеси.