Теорија на заговор
Автор: Марија Спасова
Година на издавање: 2018
Елена Михајлова со своите 27 години е најмладиот кардиохирург во земјава и регионот кој благодарение на надпросечната интелигенција и напорната работа за брзо време ги освојува симпатиите на своите студенти, пациенти, колеги и медиумите. Меѓутоа, стекнатиот углед и влијателност ќе ја фрлат во опасна политичка игра во која таа несвесно ќе стане главниот играч. На површината од морето со закани и притисоци излегува Иван Елим – платен руски шпион кој по игра на судбината добива задача да ја ликвидира младата докторка за неполн месец дена. Навидум невозможно, но убиецот се вљубува во својата жртва, а кога станува збор за љубовта, не постојат компромиси. Фаталниот агент заштитнички се поставува над вечната феминистка и негов единствен животен приоритет станува нејзиното безбедно извлекување од замрсените и корумпирани лавиринти во македонскиот политички свет. Од друга страна пак, Елена не се откажува од своите високи амбиции и цели – според неа, прашањето не е дали ќе и’ забранат, туку дали некој ќе собере храброст да ја спречи. Приказна за една бунтовна, непокорна жена и еден опасен агент кои прават неповторлива и непобедлива двојка. Приказна растргната меѓу Скопје и Москва, меѓу љубовта и омразата, меѓу достоинството и суровиот материјален свет. Ова е животната сторија на првата македонска премиерка која се чита во еден здив, повремено создавајќи неизвесности и возбуда кај читателот, но и неодмилива љубопитност која преовладува се’ до последната прочитана страница.