До последен здив
Автор: Анче Пешева
Година на издавање: 2018
Роман кој започнува со една мисла на авторот, која за момент ќе ја скокотне нашата возбуда но откако ќе продолжиме со читањето ќе забележиме дека првичната возбуда не спласнува, туку со секоја нова страница таа расте и книгата не можеме, а и не сакаме да ја оставиме. Анче пишува на народен говор, со стил кој е разбирлив и сфатлив за секого. Тема во романот е љубовта, но онаа љубов која е чиста, искрена и недвосмислена, љубов која со крупни букви е впишана во срцата на Марко и Мила, љубов која отсекогаш ја имале во себе, но била потисната и заглавена во нивните срца сѐ до денот на нивната средба. Во редовите на овој роман сфаќаме дека животот започнува со нашето раѓање, но дури кога срцето ќе се исполни со љубов кон една личност започнуваме да ги откриваме сите убавини кои животот ги носи и тогаш стануваме свесни дека љубиме, сакаме и живееме. Читајќи го овој роман со секој негов нов ред запаѓаме сѐ подлабоко во дејствието, па ги губиме чувството и ориентацијата за времето кое минува и местото каде се наоѓаме. Толку живописно и сликовито пишува Анче што добиваме впечаток дека во живо ги гледаме пред нас настаните од романот, па на моменти може да се фатиме себе си како се радуваме со среќата или плачеме заедно со болката на главните ликови.