Топли одрони
Автор: Ирена Белешковска
Година на издавање: 2017
Во стиховите од книгата „ Топли одрони„ е сублимирано времето што се удвојува низ меѓучовечките релации јас /ти, ти /јас, ние во другите и другите во нас. Во оваа поезија се врамува личното време, а сензациите од минатото како парченца меморија ги раздиплува по грбот на денот како категорија за една лична поетска визија и интимен микросвет. Низ кусите песни кои се со модерна и разиграна форма и сугестивен израз провејува духот на егзистенцијата. И сеедно дали се пее за различните типови на љубовта („Трепет“; „Таа“; „Надеж“; „Син“; „Човекот мој“ ), или за некои филозофски рамки и човечки состојби и емотивни наслаги, како минувањето на времето или суштината на животот („Човек“; „Живот еден“; „Совет“), оваа „азбука на времето“ е опседната од сопствениот микрокосмос („Своја“; „Вонвременска “; „Идила“) или го разглобува и опишува светот околу себе („21 век“; „Човек“; „Векување“). Друга клучна одредница на стихозбирката од четириесет и осум песни е обраќањето; оваа поезија постојано е во дијалог и води разговор со некое замислено „Ти“ ; а низ суптилниот израз и пев тишината станува креативен процес за стопување на говорот – тишина во структурата на секоја песна. Оттаму, авторката го разгорува огнот од вешти говорни кованици, каламбури и стилски облеки кои се присутни во секоја песна.