Идот и супер-егото
Автор: Марија Попоска Конеска
Година на издавање: 2017
„Идот и Супер – Егото“ на Марија Конеска е збирка на длабоки емоции, душевни превирања, скриени желби и откриени мечти. Со својата емотивност го преплетува секој стих, оставајќи не без здив, без збор. Она што е карактеристично за целата книга е емотивната интимност на внатрешните мисли, страста, напати еротичноста која произлегува од нив, навидум фатени во стегите на литературните форми. Нејзината поезија е дескриптивна, а во исто време и метафорична. Со ревносност, низ стиховите се забележува дека поетесата споделува спомени од едно време кое е овековечено во нејзините мечти, и таа мечта ни ја подарува нас низ безвременоста на овие стихови полни љубов, тага, среќа, звуци музика, и ментални судири на Идот и Супер – Егото. Преку судирот на Идот со Супер – Егото, сите ние читајќи, се спознавме себе си, пронаоѓајќи ги нашите инстикти од потребата љубов да реагираме бурно, но и желбата да бидеме себеактуализирани во однос на нашите желби и мечти да сме она што сакаме. Границата помеѓу тие две работи е тенка и лесно се преминува. Борбата е повеќе од тешка. Овековечена низ типични моменти на случување, оваа борба на емоции е преплетена низ стиховите на ова дело.