Дами и господа гологлави
Автор: Биљана Димко
Година на издавање: 2017
Збирката содржи околу триесеттина песни за кои може слободно да се оцени дека им се посветени на вечната тематска преокупација и инспирација на сите млади па и повозрасни поети, а тоа е љубовта: љубов пресреќна, љубов надежна, љубов несреќна и тажна, љубов романтична или болна, љубов невозвратена, љубов горчлива, љубов невина и возвишена, љубов платонска, љубов недоживеана и уште каква ли не, љубов, а ја има внедрено во стиховите на Биљана Димко. А стиховите строги, воопшто не се наративни, кои, сепак, многу кажуваат. Стихови толку јасни, а во исто време импресивни и понекогаш загадочни; стихови кои на песната ѝ даваат една специфична архитектоника која може да опстојува, а да не се сруши како многу модерни згради денес во светот кои зачудуваат како зданија. Зборови кои не се сами за себе цел или дотолку апстрактни, што често пати се неразбирливи и за и од самите автори.