Огледало
Автор: Кирил Пејчиновиќ
Година на издавање: 1816
Огледало (1816, Будим) е неопходна книга - прирачник за свештеникот при вршење на верските обреди. Првиот дел го сочинуваат молитви и верско-обредни текстови на црковнословенски јазик со македонски народни црти, а вториот дел го сочинуваат беседите напишани на тетовски говор со елементи на скопскиот и други македонски говори. Во првиот дел од книгата, Пејчиновиќ дава коментари на Библијата, а во вториот, во беседите, поучува и критикува. Ги напаѓа суеверието и паганските обичаи на народот. Во овој текст, Пејчиновиќ мошне интересно ја поистоветува верата со народноста. Ги критикува своите колеги-поповите. Им забележува дека себично се здружиле со Турците и го измачуваат сопствениот народ. Неговата просветителска насоченост се согледува во пропагандата на книгите.