Чекајќи го Супермен
Автор: Јована Герасимовска
Година на издавање: 2016
Отсекогаш бев поинаква и имав различна перспектива во животот и паднав во канџи на депресија и криза за мојот идентитет на многу мала возраст. Знаев за работи за кои луѓето на моја возраст не знаат. Прво почнав со личност до личност вкупно 15 кои беа посебни од она што го знаев. Пишував за нив, по една мала бајка во блог кој го насловив Чекајќи го Супермен и потоа ви ја раскажав мојата приказна, како некогаш се распаѓаш под една насмевка и немаш никого да се потпреш во маса на луѓе околу тебе. Јас продолжив да пишувам, за делата за демоните во мојата глава. Ви кажав како е да немаш допирна точка со реалноста и се да биде една магична приказна во твојата глава. Јас не сум добра личност, не барам сожалување, еднаш чекав суперхерој во еден град со тага и не го најдов. Некогаш се мразам самата себе си. Некогаш не сакам да бидам помеѓу луѓе а пак некогаш сакам да направам се да се вклопам. Некогаш незнам како да се насмевнам. А пак некогаш го држам силно она што го здобив во животов. Не го класифицирам животот според периоди поединечно. Тие минуваат. Се минува и се завршува. Така работи универзумот. И јас не сум посебна личност, јас сум уредник и писател. Јас чекам да дојде 5 часот наутро за да му се восхитувам на небото, јас пијам одвратно многу благо кафе. Ги обожавам малите работи и деталите. Мислам дека нема ништо поубаво од ѕвездено небо. Но пред се во текот на ова патување јас научив дека емоционалната злоупотреба врз некого е исто болна како и физичката. Научив дека самиот се градиш без никаква помош. Научив дека не можеш да задржиш никого и не треба да чекаш некого да влезе во твојот живот. И научив дека јас самата управувам со себе. Јас самата можам да се насмевнам и јас самата ја градам околината околу мене. Јас самата сум Супермен, кој го чекав, а не знаев кој е. Јас самата сум љубовта која ја чувствувам и насмевката со која се смеам. Јас самата сум автор на мојата приказна."