Животна посветеност
Автор: Божидар Јовиќ
Година на издавање: 2016
Романот „Животна посветеност“ е ново и вредносно дело во севкупното книжевно и научно творештво на Божидар Јовиќ. Тоа може да се одреди како роман хронологија. Како наратор се јавува писателот кој хронолошки опстојно и доследно ги запишал личностите, времињата и настаните кои некогаш биле живот. Селото Радово во кое се случуваат приказните е книжевен псевдоним за географијата на Велес и Велешко. Одредени се и границите на времето. Приказната за Дара и Илија се заврзува непосредно пред почетокот на Втората светска војна која донесува нови зла и поразии, до сенародната борба за изборување на сопствените национални и социјални права и слободи која ја донесува слободата и во едно ново време почнува обновата и изградбата на татковината. Папочната врска со коренот, со родот и породот според нас, не случајно е сместена во рурален амбиент. Тоа е она парче земја што го храни и челичи човекот, го создава и оформува субјектот како хумано битие и како национален идентитет и непокор. Таа и таквата врска логички се изградува и афирмира со ликот на македонската мајка кој прераснува во универзален симбол на егзистенцијата. Жената како сестра и љубовница, животен сопатник и мајка, едноставно како извор на нови животи и радости. Во македонската книжевна традиција притоа, да се потсетиме на мајките на Прличев и на браќата Миладиновци. Мајката Дара во романот на Јовиќ не е само живот и воспитание, грижа и љубов, таа во истовремено е сенародно опстојување, будење и просперитет. Епската димензија во структурата на делото се гради со децениите на историската истрајност во која главниот лик е само стожер на колективното постоење и меморирање на македонскиот народ.