Сонувалка
Автор: Елена Богдановска
Година на издавање: 2016
Романот е посветен на младата личност расцепкана низ своето распетие меѓу јавето и сонот, меѓу моралното и љубовното, меѓу светот и срцето. Низ лириски сцени проткаени со женското писмо, ја следиме авантурата на ликот Јоана кој полека се окрива низ трилерски разработена приказна налик на мисловна загатка што за своја алатка го има сонот. Веднаш пред очите на читателот како увертира на авантуристички филм се појавува сцена што наеднаш ни открива неколку романескни факти споени во една синтеза, кратка приказна или појдовна точка од каде што се тргнува но и се завршува сè. И веднаш се чувствува напнатоста што го врамува овој роман во оние што брзо го преокупираат мозокот на читателот, па затоа се читаат посесивно со потсвесно вртење на страниците, со единствена намера за што пократко време да се поседува приказната во која што оној што чита може многу лесно да се пронајде.