Сенки низ циркускиот шатор
Автор: Исток Улчар
Година на издавање: 2014
Иако станува збор за дебитански поетски ракопис на автор-средношколец, иако носи поднаслов „поезија за тинејџери“, стихозбирката „Сенки низ циркускиот шатор” од Исток Улчар не е четиво што се ограничува само на средношколската читателска публика, која е, водено, жедна за поезија блиска до својот сензибилитет. Станува збор за поетска книга со доследно спроведен концепт, во кој се проникнуваат иронијата, општествената сатира и младешкиот пркос. Стихозбирката „Сенки низ циркускиот шатор” на Исток Улчар покажува две страни на смешното: четириесетината песни се распоредени (безмалку рамномерно) во две целини, „смешни“ и „сериозни“ песни, а авторот препорачува и соодветна музичка придружба при чинот на читање, како музички „аналогон“ на поетските циклуси („The Residents“ за „смешните“, како и „Sisters of Mercy“ – за „сериозните“ песни). И покрај оваа поделба на лирскиот корпус, во визурата на оваа поезија смешното и сериозното, „невиноста“ и „искуството“, шокантното и тривијалното, комичното и трагичното се прелеваат и се претопуваат на најразлични начини.