Парасурди
Автор: Адријан Арсовски
Година на издавање: 2016
Парасурди е збирка раскази што неколку тинејџери, за времетраењето на една бизарна вирусна епидемија во Скопје и околината, ќе ја најдат скриена во подрумот на куќата на нивните родители и ќе ја читаат сѐ додека настаните им дозволуваат такво нешто. Во неа е карактеристично присуството, на ваков или инаков начин, на парадокси и апсурди, па оттаму следува и насловот ПАРАСУРДИ (кованица од двете). Внатре, конвенцијата на чудни (речиси фантастични настани) придонесува за поголема ангажираност на читателот: на пр. во Волшебниот Дневник станува збор за дневник што можеби има волшебни карактеристики, а можеби е обичен дневник; потоа, во Одисејата Одижнејата Стојадинова сведочиме за фантастични настани што го преместуваат протагонистот Стојадин од еден хронотоп (време и простор) во друг, нему непознат; во Човекот што Исчезна, протагонистот Немо полека се смалува физички, меѓутоа не знае зошто токму нему му се случува ваквиот развој на настани. Ликовите во расказите се неинформирани за нивната егзистенција и настаните околу нив исто колку и протагонистите што ја читаат збирката, исто колку и читателот што ги следи протагонистите што ја читаат збирката.