Бело и црвено
Автор: Михајло Свидерски
Година на издавање: 2016
Кусиот роман Бело и Црвено ги следи најдраматичните епизоди од животот на белогардеецот Тихон Кирилович Василев, кој пред налетот на Октомвриската Револуција бега од Петроград преку Киев, Крим, Истанбул, па стигнува до Битола, за на крајот да заврши на Голи Оток. Романот е поделен во неколку делови, според соодветните временски секвенци на приказната - 1951, 1916, 1917, 1918, 1920, 1922, 1950 и повторно 1951. Иако сместена во специфични историски околности, приказната што раскажува како првенствено има за цел да ни ја прикаже универзалната апсурдност и суровоста на историските епизоди и големите приказни среде кои е вклештен и изгубен еден обичен човек. Настрана од сите идеологии, борби и каузи, стојат страдањето, суровоста, разочарувањето поради скршените илузии, изместеноста и невдоменоста што ги носи егзилот. А среде големите промени на историската мапа, светот нема време да се занимава со поединечните судбини на огорчените несреќници врз чии глави се кршат копјата.