Орач или воин
Автор: Гане Тодоровски
Година на издавање: 1996
Како единаесетта книга песни по ред, имено стихозбирки првообјави, и оваа моја песнарка е сочинета од изворни песни (првата половина) и поетски препеви, како повеќето од претходните. Причината за таквата постапка или приод кон составувањето на збирка песни е творечки чин што е објаснуван повеќепати во самите песнарки. Овојпат, само би додал дека на поетскиот превод - препевот, му придавам исто значење како и на сопствената, оригинална песна. Македонската литература е феномен на доцнење, на обврската на современите македонски поети, меѓу другото, е да го компензира пропуштеното, имено она што благовремено не било сторено. Со ова го објаснувам и квантитетот на својата забележливо нагласена преведувачка актива - преку сто и дваесет објавени книги препеви од десетина јазици. Не треба да се помисли дека станува збор за грешка, ако во насловот на книгата стои „ОРАЧ или ВОИН“ а во двете песни, истоимени, во прологот и епилогот гласи: „ОРАЧ и ВОИН“!? Партикулата или е променета во и нарочно, а во име на одреден концепциски приод: насловот прашува а песните одговараат!