Божественото во себе
Автор: Моника Стојанова
Година на издавање: 2016
Наративната структура на романот е лична исповед на главната протагонистка чии мисли се исклучително длабоки и сложени и засегаат некои од најдраматичните феномени на човечкото постоење: мистеријата на мајчинската љубов, но и на бегството од неа, неутешната болка на напуштеноста од најблиските, ноктите на шекспировското „зеленооко чудовиште на љубомората” зариени во најсуптилното ткаење на нежноста и пријателството, ирационалноста на предрасудите што ни попречуваат да ги видиме личностите околу нас во вистинската боја на нивната душа, ретката, но фасцинантна моќ личното страдање да се дестилира во драгоцената супстанција на човечката благородност, скриеното постоење на туѓата добрина која лебдее некаде околу нас дури и во најтешките мигови... Во ракописот на овој роман тие прашања се третирани со искрена страст и занес вткаени во реалистичката раскажувачка постапка, со живи, чисти линии кои овозможуваат непречено да се излее енергијата на чистото срце и неговата недопрена верба во надмоќта на добрината во нас. Среќата во животот најчесто зависи од упорноста, додека единственото место во кое сопствениот сон станува невозможен е нашето размислување.