Свети апостол Павле во Второто мисионерско патување
Автор: Петар Петковски
Година на издавање: 2016
Ова дело под наслов „Свети апостол Павле во Второто мисионерско патување“ е со историско – теолошка тематика. Во него преку библиска егзегеза, т.е. преку толкување на библискиот текст ни се даваат податоци за историјата на ширењето на христијанството ширум светот. Како еден од најзаслужните мисионери за таа дејност се смета апостолот Павле, кој бил најголемиот мисионер и евангелизатор на Христовата Црква. Токму затоа централна тема на ова дело е мисионерско – евангелскиот подвиг на свети апостол Павле. Содржината на делото на еден специфичен начин зборува за мисионерско – евангелските подвизи на апостолот на народите – Павле, кој преставувал базичен фактор на распространување на христијанството во медитеранскиот басен, но и за неговото Второ мисионерско патување. Делото е мошне интересно. Напишано е на едноставен и чист македонски литературен јазик. Со читање на ова дело се навраќаме со векови наназад во историјата на човештвото, длабоко во апостолскиот век. Оваа тема секогаш привлекува посебно внимание како за библистите, така и за историчарите ширум светот. Ова дело уште повеќе е од особено значење за историјата на Македонскиот народ, за Македонската Православна Црква – Охридска архиепископија и за историјата на Р. Македонија, но и за историјата на целата Православна Црква и воопшто за светската историја. Тоа е така затоа што преку Второ мисионерско патување на апостолот Павле е поставен темелот на христијанската вера на Европскиот континент и тоа преку нашата земја Македонија. Народот во Македонија пред неговото доаѓање живеел и тонел во многубожечкиот живот и идолопоклонството и бил далеку од духовното христијанско и културно живеење, но со неговото доаѓање и со проповедта на Евангелието успеал да го всади евангелскиот дух и да го насочи на правиот Христов пат. Неговата дејност се рефлектирала низ културниот и верскиот идентитет на Македонија и секако на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија.