Белиот јоргован
Автор: Хајди Елзесер
Година на издавање: 2012
Повеста “Белиот јоргован” е напишана со стил кој го отсликува внатрешниот трепет на ликовите, и ја рефлектира нивната животна сила. Сместувајќи го дејствието во Битола пред Втората светска војна, Хајди Елзесер мошне јасно ги претставува местата по кои се движат ликовите, принесувајќи го пред нас тој пресек на просторот и времето, но воедно ненаметливо, а во функција на приказната, соопштувајќи, вткаени во повеста, и факти со кои го претставува и историскиот контекст. Авторката умее со само неколку реченици да се врати и назад во времето, до крајот на деветнаесеттиот век, забележувајќи податоци за семејната лоза на семејството Јованоски, а притоа таквиот авторски гест да не биде сувопарно бележење на фактографија, туку напротив да ја претстави семејната приказна во што поголема полнотија.