Тимон од Атина
Автор: Вилијам Шекспир
Година на издавање: 1623
Тимон од Атина е една од т.н. не многу познати драми на Вилијам Шекспир која, по којзнае кој пат, нè уверува дека не постојат, барем кога станува збор за Шекспир, големи и мали, важни и неважни драми, туку дека, секое негово драмско дело, во мигот кога станува жител на нашата свест, истовремено во неа ги внесува и големата возбуда и пријатното изненадување дека авторот е повторно нов, голем и дека уште еднаш успеал да го потврди Борхесовото “Никој пред него не успеал толку успешно да биде толкумина.” Едноставно човек да се уплаши колку тучна енергија лежи зад идејата да се стави, преку ликот на господарот Тимон, мизантропството на распетие, да се манифестира очајот што му е потхрана и вдахновение, притоа да се стигне до самиот раб, да се наѕре во амбисот на човековата ментална и психо-физичка конституција но да не се падне во него туку преку еден друг лик, Алкибијад, да се обнови нормалната состојба на духот и работите да се вратат во границите на прифатените норми на однесување и да се поткрепи идејата дека секогаш имало и ќе има некаков си Фортинбрас или Сер Гавејн или Исус што ќе ја обноват природата, животот, ќе турат пепел на актуелниот привид и ќе отворат поле за нов, попривлечен и поубав привид. Со други зборови, драмата за овој лудак чие лудило е повеќе поетски мотивирано одошто драмски изведено кажува многу повеќе за состојбата на духот на самиот Шекспир одошто за состојбата на човекот којшто на еден од атинските плоштади ги повикува сите живи Атинчани да побрзаат и да се обесат на смоквата што расте во неговиот двор зашто пониетил да ја сече!