Ричард Трети
Автор: Вилијам Шекспир
Година на издавање: 1592
Ричард Трети е драма што припаѓа на првиот период од творештвото на Вилијам Шекспир. И според настаните и според самите ликови, Ричард Трети е драма длабоко впиена во историјата на англискиот народ. Неколкуте прикажани трагични судбини започнати и завршени во едно сурово време, ја издигнуваат неа до ниво на индивидуална и колективна трагедија. Од индивидуалните судбини, најприсутна и најдетално е следена онаа на кралот Ричард. Нејзината трагичност е навестена уште во третиот дел на Хенри Шести кога Ричард го најавува својот поход кон англискиот престол. Притоа, храна му се нереалните амбиции, облека подлоста, средства сплетките и колежот а негово покритие лукавството. Интелигентен и бескрупулозен, тој е апсолутен господар во светот низ кој дефилираат слаби, бесцелни и пред сè, наивни ликови. Ричард сам ја започнува и сам ја завршува својата трагедија.