Антологија на македонската книжевност од IX до XXI век
Автор: Група автори
Година на издавање: 2014
Изданието Антологија на македонската книжевност вклучува избор од најзначајните книжевни остварувања продуцирани во долгиот временски период од македонскиот книжевен и културен развој од IX до XXI век. Во Антологијата е отсликан книжевно-историскиот развој на македонската литература преку дејноста на светите Кирил и Методиј, светите Климент и Наум Охридски од крајот на IX век па сè до творечката продукција до крајот на XVIII век; највпечатливите примери од македонското фолклорно творештво претставено преку богатството од народни песни, приказни, кратки фолклорни жанрови; продуцираната македонска литература во XIX век во чии специфични историски околности егзистирале македонските преродбеници; литературните фрагменти кои ја илустрираат македонската литература од првата половина на XX век со доминацијата на нејзиниот ангажиран реализам; изборот од современата македонска поезија, современата романсиерска продукција, современиот македонски расказ и современата македонска драмска продукција. Изданието со ваквиот концепт ги претставува, во интегрален или фрагментарен вид, најзначајните остварувања во македонската книжевна продукција од сите периоди на нејзиниот развој – од средновековниот до современиот. За таа цел соработниците во Институтот за македонска литература – Илија Велев, Маја Јакимовска-Тошиќ, Марко Китевски, Валентина Миронска-Христовска, Јасмина Мојсиева-Гушева, Наташа Аврамовска, Лорета Георгиевска-Јаковлева, Соња Стојменска-Елзесер и Мишел Павловски приредија Антологија која со својата концепција и содржина претставува прва антологија од ваков вид во македонската книжевна и културна средина. Вака приредената Антологија на македонската литература има за цел афирмација на македонската литература во регионалната и во пошироката светска културна јавност.