Аксиј
Автор: Илко Димитриески
Година на издавање: 2015
Иако ситуирана некаде во некое време, тргнувам на пат без граници и координати со номадската душа на метаморфозираниот Шарски, Тетовски, Езерски, Аксијски и ги доживувам неговите сладострастни авантури, а потем продолжувам со свои. Ко од Врутокот Аксијски потекуваат и понесуваат неговите јарки зборови доволно силни да разоружаат секого, оти во нив пулсира крвта на славните јунаци како Александар Македонски Велики, Ахил, Ајнеј или Одисеј. Опеани од ненадминатиот рапсод Хомер, овие миленици на Боговите, во лириката на Димитриески како повторно да заживуваат и ги воскреснуваат идеалите чие олицетворение се. Фасцинира речиси неисцрпното знаење за митологијата и Ѕевсовиот пантеон, историјата и традицијата што нашиот автор го стекнал. И не е ни чудо што толку сликовито и емотивно успева да ги долови и привика во своите стихови, налик на инкантација на сопствени Музи. Им приоѓа со искрено детско љубопитство, со должната почит, за во текот на поетското боемство и покрај сопствената скромност да прерасне во нивен рамноправен компањон. Така сите заедно, и Аксиј, и слепиот рапсод, и Боговите и јунаците, и авторот се одомаќинуваат овде и сега, па дури и флертуваат со иднината.