Охридска идила
Автор: Илко Димитриески
Година на издавање: 2015
Овој пат поетот не поведува низ едно нежно лулање меѓу брановите на ОХРИДСКА ИДИЛА кое би посакале да трае засекогаш. Иако работниот наслов на ова лирско – епско творение гласеше ОХРИДСКА БАЈКА, неговите иманентни генетски кодови и жанровски одредници и координати налагаа истото да биде преименувано во идила. Имено, ова дело кое најинтимно го воспева балканскиот Ерусалим, градот бисер Охрид и неговата единствена и неповторлива езерска убавина / убавица, недвосмислено одговара на сите дефиниции на идилата. Ако тргнеме од грчкото значење на зборот eidyllion, тоа е впечатлива сликичка. Книжевнички гледано тоа е творба во која се опишува спокојниот и среќен, безгрижен живот на луѓето во природата (пастири, селани, рибари), најчесто на сентиментално лирски начин. Од музички аспект пак е заводлива инструментална композиција со пасторална содржина, со смирено, лирско расположение. Небаре, поетот е реинкарнација или потомок на славниот Чајковски, па сега во пишана форма ни го доловува „Лебедовото езеро“. Човек не може да го прочита, а да не го почувствува брановидното лулање и милување. Не може да го почувствува тој исконски флуиден ритам, а да не му се предаде, искрено и невино, како на „прва љуба“ што би рекол авторот, се додека целосно не се слее со него. Се чини, Димитриески, од првиот до последниот стих меѓу корициве, не престанува камелеонски да се метаморфозира. Некогаш го доживуваме како ведар и вљубен пастир / рибар кој одново и одново изнајдува начини да ја заведе, освои и заслужи својата езерска самовила олицетворена во легендарните охридски моми Билјана или Лихнида или митската божица Афродита која ја разбранува Шарската пена и го прима за свој гостин. Штом успее да ја добие нејзината рака, тој се претвора во принц, крал, уважен дворјанин кој на својата сакана и приредува бајковита венчавка, чин кога дава завет за вечна лебедова љубов.