Само мој став
Автор: Илија Јованов
Година на издавање: 2018
Делото е збирка на колумни со заеднички наслов „Само мој став“. Текстовите се пишувани во период од неколку години и се објавувани на интернет порталите, сѐ со цел да им бидат достапни на поширок круг на читатели. Реакциите за нив кај читателите беа различни. Но, можам слободно да кажам дека наидоа на читаност и одобрување кај читателите а, пред сѐ, до примарната целна група – студентите. Која беше мојата првична идеја и замисла за да започнам да ги пишувам овие текстови? Да се крене студентскиот глас и да се посочат проблемите со кои ние како студенти секојдневно се соочуваме, потоа да се предложат можни решенија за истите, како и да наидат на широка врата кај сите студенти. Но, за жал, македонските студенти се премногу пасивни во покренувањето на акции за работите што не ни се допаѓаат и кои сите од нас имаме желба да ги промениме, но сепак се одлучуваме за конформизам и пасивност. Тргнуваме од максимата дека „наведната глава сабја не ја сече“. Па затоа проблемите се сѐ уште на површина и стојат нерешени. Проблемите ги знаеме. Целта ни е пред очи. Храброста и организираноста ни недостасува. А со молчење не се решава ништо. Ете затоа тој крик излезе од мене и на овој начин преку пишување на текстови и апелирање за промени, како индивидуа, се обидувам да променам нешто. Кај студентите. Во општеството. Но, како поединец тоа е исклучително тешко. Сепак, тоа што може да се каже јас го кажувам на овој начин. И сето ова е „Само мој став“.