Утра што се смеат
Автор: Наташа Наумоска
Година на издавање: 2018
Има една радост за која знае срцето човечко, со која многу се радува. Чиста е и незлоблива. Како детската. Колку неизмерно лесно и радосно срцето трепери во таквата радост. Toa е Божјата радост! Таа е таква, толку чиста, толку невина, а насмевките кои произлегуваат од неа се спонтани, многу нежни, многу искрени. Ако денот насобрал тежина во душата и дозволил на починок да појдат заедно, и без оглед на тоа што, можеби во мракот надошла бура од неспокој во градите со грмотевици и невреме, сепак, од аголот на душата, од прикрајот на очите,штом ноќта ќе ја спакува тежината и ќе си замине и кога бурата ќе стивне, ќе осамне утро за молитва пофалбена и ќе се издигне над се Божјата радост да го окрепи срцето, да го насмее лицето, да затрепери нежно како мајчинска рака што ги милува утрата, што ги оросува со капки благодат од утра изморени и расплакани да ги благослови во утра што се смеат.