Космогониум
Автор: Александра Спасевска
Година на издавање: 2016
Малечката збирка раскази Космогониум композициски содржи пет подолги раскази, пролог и епилог. Доколку се читаат само расказите, а се скокне прологот и епилогот, расказите ќе ги поврзе само глобалниот меланхоличниот тон. Всушност, тематиката на сите нив е различна, ликовите не се повторуваат, иако, често се забележуваат едни, те исти начини на описи во сите пет раскази. Тоа е така затоа што треба да се нагласи дека сите нив, како еден главен фокализатор ги раскажува гласот кој се појавува во прологот и во епилогот. Гласот е всушност, глас на шаман кој ги раскажува приказните со цел да одговори на прашањето: зошто луѓето се несреќни? Всушност секој од овие раскази, освен последниот, жигосува по еден од глобалните проблеми на модерното време: конформизмот, војните, агресијата, губењето на идентитетот, а последниот расказ насловен Исповед, го покажува крајниот исход на човек што пронашол начин сите овие препреки да ги прескокне.